Quercus robur, Quercus petraea – Даб

Во терапевтски цели се користи исушена кора од даб, собрана рано напролет од млади гранки и стебла од два вида даб: Quercus robur L. и Quercus petraea (Matt.) Liebl., fam. Fagaceae. Кората од даб нема мирис, а вкусот е опор и стега.
Дабот е дрвенесто растение кое достигнува до 50 m во височина. Има сиво-бела, испукана кора, издолжени и пересто врежани листови и еднополни цветови. Q. robur е познат како летен даб и се јавува во пониските предели, додека Q. petraea или зимскиот даб, расте во повисоките региони, ридови и планини. Дабот е широко распространет во Европа, Мала Азија и Кавказ.

Хемиски состав

Најзначајни компоненти на кората од даб се танините, застапени со 8-20%. Присутни се танини од двете групи, кондензирани и хидролизирачки, а покрај нив и димерни и тримерни катехини и процијанидини со катехин, епикатехин и галокатехин. Главна компонента е проантоцијанидин В-3. Содржи слободна гална и елагна киселина, флавоноиди (кверцетин), леукоантоцијанидини, јаглехидрати и други компоненти. Освен танин, содржи и кумарини.

Употреба

Кората од даб се користи како атстрингент, најчесто во форма на декокт за надворешна употреба, при сите индикации што се вообичаени за танински препарати (плакнење уста и грло при стоматити, гингивити, инфекции на грлото, за гаргара, рани на кожа, хемороиди и друго).

Превземено од Современа хербална медицина ФИТОТЕРАПИЈА од Светлана Кулеванова