Витаминот Е или токоферол, припаѓа на групата маснорастворливи витамини, што значи дека телото полесно може да го складира. Тој е природен антиоксиданс, ја штити кожата од оштетување.
Тој игра значајна улога во превенцијата од оксидативните оштетувања врз специфичните масти на организмот, но ја намалува и целокупната инфламација предизвикана од слободните радикали (метаболитички отпад). Ова значи дека има силен антиоксидативен ефект кој овозможува превенција од низа хронични заболувања, а го забавува и процесот на стареење. Покрај ова, витаминот Е е значаен за правилното функционирање на многу органи и органски системи, за активноста на повеќе значајни ензими, во невролошките процеси, за продукција на еритроцитите, подобро искористување на витамините А и К итн.
Корисните ефекти од оптималното внесување на овој витамин преку исхраната подразбираат превенирање, па дури и третман за одредени заболувања. Оптималното ниво на витаминот Е во организмот, поттикнува превенција од дијабет, висок крвен притисок, задебелување на крвните садови итн.
Достапен е генерално од растителна храна, најчесто растителни масла, бадеми, кикиритки, јајца, млеко, пченични р`кулци, разни овошја и зеленолисен зеленчук . Исто така, може да се користи негова суплементација (секако, по задолжителна консултација со лекар).
Во продолжение, 8 најзначајни корисни ефекти од оптималниот внес на витаминот Е:
1) Антиоксидативен и антивоспалителен ефект
Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак зависи и од внесените.
Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања, воедно и најчестите болести на модерното време – кардиоваскуларни, малигни заболувања, дијабет, гојазност итн.
Одредени изомери на витаминот Е имаат особено моќен антиоксидативен ефект преку кој значително го намалуваат потенцијалното оштетување од дејството на слободните радикали. На овој начин, природно се намалува инфламацијата (со што веќе споменавме, се превенираат низа хронични заболувања) и се успорува процесот на стареење.
Студиите покажуваат дека овој витамин може значително да го зајакне имунитетот и на тој начин да нè заштити од бројни несакани состојби и заболувања. За најефективни антиоксиданти се сметаат изомерите алфа-токотриенолот и гама-токотриенолот, а во помал обем и делта изомерот.
2) Поздрава кожа и коса
Корисниот ефект за кожата и косата, витаминот Е го постигнува преку засилувањето на капиларните ѕидови и подобрувањето на еластичноста и влажноста на кожата. Заради овие својства, витаминот Е придонесува за успорено стареење, па некои го нарекуваа и витамин на младоста.
Истражувањата покажуваат дека овој витамин ги намалува воспалителните процеси во организмот, вклучително и оние во кожното ткиво, одржувајќи ја на тој начин кожата здрава и младолика. Антиоксидативниот ефект штити и од изложеноста на цигари и ултравиолетово зрачење, што значи значајно придонесува во превенцијата од малигни заболувања на кожата.
Оптималните нивоа на антиоксидативните витамини Е и Ц, освен што можат да ја заштитат кожата од UV зрачењето, тие се корисни и во борбата против брчките, акните, заболувањето дерматитис, а придонесува и за побрзо заздравување при изгореници од сонце.
Поради тоа што го забрзува обновувањето на клетките, витаминот Е придонесува и за побрзо заздравување на различните рани на кожата.
На крајот, поради подобрата циркулација која ја овозможува витаминот Е во малите крвни садови на кожата и превенцијата од оксидативните оштетувања на кожното ткиво, тој превенира од оштетувања и сушење на скалпот, што е клучно за здрава коса.
3) Го штити и балансира холестеролот
Главниот проблем со холестеролната молекула се случува кога таа ќе се ,,оштети”, односно ќе оксидира. На тој начин може да нѝ ги предизвика познатите негативни ефекти врз здравјето. Истражувањата велат дека одредени изомери на Е витаминот покажуваат заштитувачко, антиоксидативно дејство во однос на холестеролот. Всушност, витаминот Е поседува способност да ги ,,неутрализира” слободните радикали кои имаат потенцијал да ги оштетуваат холестеролните молекули.
Токоферолните изомери имаат три двојни врски што им овозможува да ја намалат активноста на ензимите (HMG-CoA редуктази), кои се задолжени за контролирањето на синтезата на холестеролот.
Делта и гама-токоферолите го намалуваат нивото на ,,лошиот” холестерол и ја успоруваат прогресијата на артеросклерозата (задебелувањето на артериите), додека преголемите количества алфа-токоферол, можат да го намалат позитивниот ефект на другите два споменати изомери на витаминот Е.
4) Ги балансира хормоните
Витаминот Е игра значајна улога во балансирањето на ендокриниот и нервниот систем, на тој начин природното балансирајќи ги хормоните.
5) Го подобрува видот
Антиоксидативниот витамин Е го намалува ризикот од макуларната деградација, често нарушување кај возрасните лица, воедно и главна причина за целосното слепило. Сепак, за овој витамин да може да биде ефективен во оваа насока, треба да се внесува во комбинација со исхрана богата со антиоксидативните витамини А, Ц и со минералот цинк.
6) Подобро здравје на мозокот
Истражувањата покажуваат дека витаминот Е, односно неговите антивоспалителни активности, можат да превенираат од Алцхајмер и неколку други форми на деменција, но и да го успорат влошувањето на симптомите.
7) Подобрена физичка издржливост и мускулна сила
Токофелотот може да ги зголеми енергетските нивоа и да го намали нивото на оксидативен стрес во мускулите после тренингот.
Исто така, витаминот Е го намалува заморот во мускулите, преку поттикнувањето подобра циркулација и засилувањето на малите крвни садови (капиларите).
8) Многу важен витамин при бременоста
Еден од најважните витамини во периодот на бременоста, односно клучен за правилен раст и развој на плодот. Ги заштитува клучните масни киселини и го контролира нивото на хронична инфламација.
Затоа, жените треба особено да внимаваат и да внесуваат доволно храна богата со овој витамин во периодот на бременоста. Суплементацијата се користи во консултација со лекарот кој ве води.
Препорачан внес и храна богата со витамин Е
Многумина не се свесни дека она што значи ,,витамин Е” е комбинација од осум компоненти, четири токофероли и четири токотриеноли. Само алфа-токоферолот може да се заджрува во организмот.
Овие изомери (иста молекулска формула, со различни својства) имаат посебни својства и често испитувањата се прават на секој од нив одделно, но за витамин Е може да се смета соединението кое ги содржи сите осум изомери. Уште една причина плус да се внимава на суплементацијата.
Оптималниот внес на витамин Е е важен за сите луѓе, но од особена важност е најмладите, повозрасните и трудниците да го внесуваат во доволни количества.
Па како да внесуваме доволно од сите изомери на витаминот Е?
Типичната исхрана на модерниот човек е богата со изомери на витаминот Е, како гама и алфа-токоферол.Токотриенолите е потешко да се внесат преку исхраната, бидејќи се поретко застапени.
Храна богата со витамин E:
(витамин Е во 128g)
• сончоглед – 220% oд Дневните Потреби
• бадеми – 218% од ДП
• лешници – 133% од ДП
• манго – 20% од ДП
• авокадо – 18% од ДП
• тиква – 17% од ДП
• брокули – 12% од ДП
• спанаќ – 10% од ДП
• киви – 6% од ДП
• домати – 4% од ДП
Останата храна богата со овој витамин: збогатени сонголедови масла, ладно цедено маслиново масло, лосос, кикирики, јајца, пченка, ореви, ротквици, ‘фстаци, оригано, пиперки итн.
Недостаток од витамин Е
Иако во минатото се сметаше дека недостатокот е многу редок и најчесто не се случува како резултат на лошата исхрана, со денешната модерна исхрана, многумина не внесуваат доволно од овој витамин (особено од токотриенолите).
Како и да е, сè уште важи ,,правилото” дека луѓето кои имаат недостаток од овој витамин, имаат одредено заболување кое води кон нарушена апсорпција на витаминот Е (нарушено ниво на масти). Како што кажавме тој е маснорастворлив витамин, односно мастите се неговиот ,,транспортер”. На пример, такви заболување се: Кронова болест, цистична фиброза, најразлични дигестивни заболувања (како воспаленија на цревата), заболувања на панкреасот итн.
Симптомите на недостаток, вклучуваат:
• отежната координација и одење
• болки во мускулите и мускулна слабост
• нарушен вид
• генерално чувство на нерпијатност
Кратки, но важни совети
Храната богата со витамин Е најдобро е да се јаде свежа, без да се готви. Готвената храна има 50-90% помалку витамин Е.
Храната богата со витамин Е треба да е добро затворена, затоа што витаминот Е е чувствителен на кислород.
Превземено од Др. Митов
Витамин Е или токоферол – многу важен антиоксидативен витамин. Зошто?