Б витамините се добри за кожата, косата, ноктите, како и за периферниот и централниот нервен систем.
– Витамин Б1 (тиамин) го има во интегрални житарки, тестенини и леб, квасец, млеко, црн дроб, риба, габи, грав, зеленчук, овошје, ореви, бадеми, соја. Значаен е за создавањето на енергија во телото. Влијае и врз работата на нервниот систем, срцето и другите мускули. При недостаток од овој витамин се јавува заболување бери-бери, а се јавува чувство на слабост, невролошки пореметувања, грчење на мускули, недостаток на апетит и др.
– Витамин Б2 (рибофлавин) го има во млеко и млечни производи, месо, житарки, црн дроб, соја, зеленчук, овошје. Значаен е за одржување на добар вид, создавање на црвени крвни зрнца, зачувување на силен имунолошки систем и нормално функционирање на нервниот систем. Ако на телото му недостига витамин Б2, често во аглите на усните можат да се видат испукувања во форма на рани. Исто така, можни се алергиски реакции и воспалителни промени на кожата.
– Витамин Б3 (ниацин) го има во квасец, кикиритки, месо, риба, јајца, цели зрна на житарки. Ја подобрува циркулацијата на крвта и го намалува нивото на лош холестерол. Исто така помага и во одржувањето на здрава кожа. При недостаток на витамин Б3 (ниjацин) симптомите се мускулна слабост, замор, губење на апетит, дигестивни проблеми и воспаление на кожата. Хроничен недостаток може да предизвика болест пелагра.
– Витамин Б5 (пантотенска киселина) го има во месо (црн дроб, бубрег), жолчка од јајце, цели зрна пченица, авокадо, ореви, кикирики, леќа, соја, кафеав ориз, брокула и млеко. Значаен е за одржување на здрава кожа, влијае врз работата на нервниот систем и помага при стрес. Недостаток од овој витамин може да предизвика симптоми како: повраќање, нервоза, абдоминална болка, мускулни грчеви, инфекција на горните респираторни органи и друго.
– Витамин Б6 (пиридоксин) го има во месо, црн дроб, квасец, риба, грашок, спанаќ, леќа, соја, јајца, банани, кикиритки. Помага при разградувањето на протеините и го одржува здравјето на нервниот систем. Недостатокот на витамин Б6 може да предизвика: слабокрвност, воспаление на кожата и јазикот, грчеви во нозете, раздразливост и несоница.
– Витамин Б7 (биотин) го има во пивски квасец, црн дроб, жолчка од јајце, печурки, бабани, кикирики, моркови. . Помага за нормализирање на нивото на шеќер кај дијабетичарите. Ги зацврстува ноктите и ја одржува косата здрава. Недостаток од витамин Б7 може да предизвика проблеми со кожата, пукање на нокти и губење на коса.
– Витамин Б9 (фолна киселина) го има во црн дроб, бубрези, зелен лиснат зеленчук, квасец, ореви. Помага при стрес и малаксаност. Учествува во создавањето на ДНК и ја подобрува крвта. Недостаток од витаминот Б9 (фолна киселина) се јавува кај бремени жени и кај алкохоличари. Голем недостаток на фолна киселина во организмот може да доведе до мегалобластична анемија.
– Витамин Б12 (кобаламин) го има во црн дроб, бубрег, школки, риба, јајца, млеко, сирење. Го зголемува апетитот и помага во превенцијата од анемија. Недостаток од овој витамин може да предизвика: замор, нередовна столица и запек, депресија, анксиозност, слабост, анемија, астма, заборавеност итн.