Achillea Millefolium

Ајдучка трева (Achillea Millefolium)

Ајдучка трева или столисник е билка со висина до 80цм. Стеблото е со светло зелена или црвено- кафеава боја. Има многу перести листови. Целата билка има многу пријатен мирис. Листовите се или бели или виолетово- црвени. Цветовите се собрани на врвот на стеблото. Расне насекаде покрај патишта и полиња во континентална клима, како самоникната билка. Цвета со бели цветови од јуни до август. Се бере за време на цветањето, а листовите до есен. Ботаничкото име е дадено по грчкиот јунак Ахил – Achillea и има значење да дава сила.

Надземниот дел на растението во цветањето содржи до 1% етерично масло, витамин К, горчливи материи, ахилеин, смола, стероли, танини и др. Лековит дел на билката: за време на цветањето се берат цветовите со кратки рачки и целата билка најмногу до 30цм должина. Поради големата содржина на горчливи матери и етерично масло, ајдучката трева се вбројува во горчливи дроги. Има ароматичен мирис и горчлив вкус. Бидејќи стеблото не содржи лековити состојки, најдобро е да се употребуваат само листот и цветот.

Achillea Millefolium2

Се употребува во облик на чај за подобрување на апетитот, кај тешкотии во желудникот, подуеност и тешко варење.

Во народната медицина се употребува за зараснување на рани како хемостиптик и за ублажување на болки. Ајдучката трева влегува во состав на горчливи чаеви, чаеви за чистење, зголемено лачење на жолчката, чај за нормализација на метаболизмот и за смирување. Надворешно се употребува како антифлогистик слично како камилицата, за плакнење, за купки, облоги.

Покажува: спазмолитичко и антифлогистичко дејство. Заради присуството на  витамин Ц се употребува при крварење и хемороиди. При употреба на ајдучка трева треба да се знае дека кај чувствителни лица може да предизвика алергија. Затоа луѓето со чувствителна кожа треба да употребуваат само млади штотуку процветани билки, а чај да пијат во помали количини.