Urtica dioica

Коприва (Urtica dioica)

Копривата е билка која достигнува висина до 1.5 метри. Лековито е целото растение започнувајќи од коренот, па се до семките. Листовите и рачките се покриени со жило кое при допир испушта остар сок на кожата, кој жежи.  Се употребува листот, коренот и семките. На пролет и во есен се собираат корените, листовите и врвовите, а семето се собира во август.

Копривата е исклучително здраво растение, богато со: хлорофил, има многу минерални материи и тоа калиум, магнезиум, калциум, силициум, железо, манган, натриум, фосфор. На сува материја минералните материи се застапени од 15-20%. Во копривата има многу органски киселини мравја, оцетна, оксална, килибарна, лимонска, фосфорна, салицилна и силициумова киселина. Од витамините застапени се витамин К, Ц, А, Б2 и Б5 (пантотенска киселина). Исто така во копривата има многу хистамин, холин, ацетил холин, бетаин, лецитин, сератонин, стероли, цитостерини, флавониди и тоа кверцитин и гликокортин. Има танини, белковини, јаглени хидрати, масти, а коренот е богат со скроб, каротин, гликокинин – кој го регулира шеќерот во крвта.

Urtica dioica

Дејство:

  • Диуретик, тоник, антианемик, антиревматик – лечи ревматски тешкотии
  • Добра е за слабокрвност. Лековитоста доаѓа од железото, фолната киселина, Ц витаминот и хлорофилот
  • Копривата е многу добар лек за спречување на крварења, односно се користи како хемостатик. Ефектот се должи на витаминот К, витаминот Ц и танините
  • Копривата делува на бубрезите, го стимулира мокрењето и е многу добар лек против зголемена простата
  • Се користи и против стомачни болки и за подобрување на функцијата на црниот дроб
  • Гликокининот го намалува шеќерот во крвта па копривата е убаво да ја користат и шеќерашите
  • Копривата ги намалува и мастите во крвта, а делува и како антисклеротик
  • Копривата е чај за чистење на телото
  • Преку подобрување на крвната слика копривата ја намалува главоболката која е последица на анемија
  • Помага при ангина пекторис која е исто последица на анемијата. Не само што го јакне организмот го јакне и срцевиот мускул
  • Екстрактот на коприва се сретнува и во производите против опаѓање на косата
  • За зараснување на рани
  • Несоница, нервоза

Заради своите витамински и прехрамбени вредности копривата се смета за исклучително здрав, полезен и пристапен зеленчук, а секако и како лек.

Занимливости:

  • Еден лекар при своите предавања рекол дека кога луѓето би знаеле колку е лековита копривата, нема да одгледуваат ништо друго освен коприва
  • Според документите на еден Швајцарски парох се сметало дека копривата одамна би била искоренета, ако не ја поседувала својата способност да жари.