Зимата и пониските температури се идеални услови за појава на грип и настинки. 

Најчесто станува збор за болест предизвикана од вирус. Повеќе од 90% од сите респираторни инфекции ги предизвикуваат вируси. Бактериите како примарни причинители на инфекција се јавуваат во само 5-10% од случаите на сите респираторни инфекции. 

Но постојат над 200 различни видови вируси кои секоја година совладуваат голем број луѓе со различен степен на компликации и последици. 

Во најголем број случаи, прво се забележуваат симптоми на:

  • Заморот и недостаток на енергија се првите знаци на инфекцијата, а потоа следат
  • течење на носот
  • кашлање
  • кивање
  • црвено и болно грло
  • гребење во грлото
  • солзење на очите
  • а потоа и затнување на носот
  • покачена температура
  • треска
  • општа малаксаност
  • болки во градите
  • отежнато дишење
  • болки во мускулите
  • главоболка
  • губење на апетитот

Кај најголем број од заболените симптомите се повлекуваат за една недела од почетокот на болеста. Инфекцијата кај поголемите деца се манифестира со благи симптоми, кај новороденчиња или доенчиња како и кај постари лица и хронични болни, може да предизвика и компликации. Приближно еден од 20 случаи на настинка се развива во секундарна инфекција како што се бронхитис или синузитис. Сепак можни се и компликации во вид на астма, воспаление на белите дробови, воспаление на срцевиот мускул, воспаление на мозокот па дури и смрт. 

Кај сезонските грипови, инкубацијата трае од 1 до 5 дена, но најчесто симптомите се појавуваат веќе вториот ден. Најголем дел од лицата може да го пренесат вирусот на друг 1 ден пред да се појават симптомите и 5-7 дена откако болеста се манифестирала. Ова значи дека човек може да го пренесе вирусот пред да знае дека е инфициран. Исто така на сезонските вируси не се имуни ни децата, а посебно децата чии родители се пушачи, поголема веројатноста да имаат проблеми со настинка или кашлица. 

Потешка симптоматологија при грип е можна и кога прв пат ќе се инфицираме. Секоја година може да се разболиме од различен вирус кој предизвикува грип.

Новиот пак 2019-nCov  (и понатаму се именува по цел род вируси во кои спаѓаат и SARS-Cov 2002 и MERS Cov 2013) корона вирус (појавен во Вухан, Кина, декември 2019) КОВИД 19, се карактеризира со сува кашлица и скратен здив, што укажува на тоа дека инфекцијата го зафатила долниот респираторен тракт, што може да доведе до:

  • тешка пневмонија, зависно од имунолошкиот систем на заболениот може да доведе до инхибиција на функцијата на белите дробови, па заболениот да има потреба од механичка вентилација – респиратор, 
  • може да ги зафати бубрезите
  • кардиоваскуларниот систем.

Не е исклучена можноста заразениот со вирусот да не покажува никакви специфични сипмтоми, но сепак да е носител и со самото тоа може да зарази некој друг кој ќе има многу потешки симптоми и последици дури и смртен епилог, ако имуниот систем му е послаб.

Периодот на инкубација на корона вирусот трае од 1 па се до 24 па и 27 дена, иако најчесто е 14 дена. Се смета дека луѓето се заразни пред крајот на периодот на инкубација, непосредно пред почетокот на симптомите, како и додека симптомите се видливи и таа личност се чувствува болна. Ковид-19 е значително позаразна болест од останатите сезонски грипови, бидејќи секој инфициран во просек заразува 2,2 лица, а за повеќето видови на сезонски грип оваа бројка е околу 1,3. Токму затоа на 11.03.2020 генералниот секретар на СЗО прогласи пандемија на КОВИД 19.

Се сметаше дека резервоар на вирусот се лилјаците но со сигурност сеуште не е утврден интермедиерниот домќин, а поновите извори сугерираат дека резервоар е локално кинеско животно со кое најмногу се тргува илегално и примарно заради неговиот оклоп. Се пренесува од човек на човек, и досега не е докажано дека домашни миленици, можат да бидат заразени со новиот коронавирус.

КОВИД 19 најчесто ги зафаќа постарите лица, посебно оние со хронични болести. Природно, најсилен имунитет имаат децата од околу 10-12 години. 

Раните симптоми на алергија, настинка, сезонски грип и корона вирус може да бидат многу слични. Особено почетните фази може да бидат речиси идентични, а кај некои случаи се толку благи што воопшто не се ни забележуваат.

Затоа треба да се одговори на одредени прашања од типот дали сте биле во некоја од ризичните земји? Дали сте имале контакт со лице кое е заболено од корона вирусот? Па соодветно на одогворите ќе се превземат мерки што понатака. Секако и да се установи дека е „обичен сезонски“ грип на кој сме навикнати, а не корона вирус, треба да бидеме претпазливи и да превземеме мерки на време, бидејќи сезонските грипови ги напаѓаат сите возрасти и исто така знаат да дадат тешки последици.

Начини на пренесување на вирусите

За да заболиме од грип мораме најпрво да дојдеме во контакт со вирусот:

  • по директен пат – преку директен контакт со респираторен секрет од болниот кој се распрскува во вид на ситни капки преку кивање, кашлање, зборување
  • по индиректен пат – преку допир на загадени површини и предмети каде има останато траги од вирусот или по пат на поздравување а потоа допирање на уста очи или нос со загадените раце.

Превентивни мерки за заштита од корона вирусот и останатите сезонски грипови

  • Често темелно миење на рацете со сапун и вода околу 20 секунди и задолжително внимавајте на задниот дел од рацете и просторот помеѓу прстите. Употребувајте топла вода. Практикувајте течен сапун, бидејќи на обичниот можно е да бидат насобрани бактерии. Ако немате вода и сапун при рака, тогаш користете дезинфициенси кои содржат минимум 60% алкохол.  
  • Кога кивате или кашлате користете марамче за една употреба и веднаш фрлете го во корпа со капак, а доколку немате марамче покријте ги устата и носот со раката свиткана во лактот. По употреба на марамче веднаш измијте ги рацете или дезинфицирајте ги со дезинфициенс.
  • Оддалеченост од барем 2 метра од соговорникот бидејќи микроскопските честички кој го содржат вирусот се тешки и паѓаат на површина, најмногу на 1 метар откако ќе бидат исфрлени во воздухот
  • Да не се допираат очите, носот и устата со валкани раце. Еднократните хируршки маски се користат за да се спречите себеси да ги допирате носот или устата (бидејќи просечно ги допираме барем 90 пати дневно), доколку сте во постојан контакт со луѓе на растојание помало од барем 1 метар. Штом еднаш ќе ја носите маската, треба да ја сметате за валкана и треба да ја извадите без да ја допирате внатрешната страна и да ја фрлите (содржината на вашето дишење се лепи за маската правејќи им неодолив повик на бактериите). Епидемиолозите нагласуваат дека подобра заштита од маските е редовното миење на рацете и избегнување на контакт со лица кои киваат и кашлаат.
  • Носете маска ако имате симптоми на грип или ако сте здрави, но имате контакт со постари лица од некоја од ризичните групи
  • Ракавици за еднократна употреба се користат при пазарење, користење на бензиска пумпа и сите останати активности надвор кога може да дојдете во контакт со потенцијално контаминирани подрачја.
  • И облеката која сте ја носеле може да ги пренесува вирусите до седум дена, затоа секојдневно перете ја на висока температура
  • Избегнувајте физичко поздравување со соговорникот и било каков близок контакт  (повеќе од 15 минути лице в лице со инфицирано лице; живеење во ист дом со инфицирано лице. Овој вирус (САРС-КоВ-2) се пренесува преку капков пат и преку уста, со помош на контаминирани раце, предмети (со назофарингеален секрет или измет). Значи не може да се заразите ако само поминете покрај некој заразен на улица.
  • Не патувајте никаде додека сте болни, самоизолирајте се
  • Избегнувајте масовни собири, трговски центри, спортски терени, фестивали
  • Користете ги зглобовите на прстите кога повикувате лифт или кога палите светло во јавни простории, а потоа задолжително измијте ги рацете или дезинфицирајте ги со дезинфициенс
  • Вратите во јавните тоалети отворајте ги со лакт доколку е тоа возможно или користете ракавици. Слична претпазливост е потребна и со туѓи лични предмети како што се телефони, таблети, тастатура, но и при подигање пари од банкомат или пиење кафе од кафемат. Важно е рацете да се мијат или дезинфицираат и доколку допрете места кои дневно ги допираат многу луѓе, како што се копчиња од лифт или кваки од врати. При пазарење, користете заштитни ракавици. И не заборавајте да не го допирате лицето додека не ги измиете или дезинфицирате рацете
  • Кога времето тоа го дозволува, отворајте ги прозорците дома и на работа. Вирусите не можат долго во проветрени простории. Од друга страна пак при седење во затворени простории сувиот воздух ја суши слузокожата со што се овозможува лесен влез на вирусот во телото
  • Дома сменете ги сите пешкири и крпи за раце и заменете ги со чисти така што секој член на семејството да ги користи само своите. Да се менуваат најмалку два пати неделно или уште подобро ако сте во можност да користите хартиени бришачи за раце. И задолжително почесто дезинфициарјте ги сите површини особено рачката од фрижидерот,  далечинскиот управувач, тастатурата од компјутерот и други предмети кои ги допира целото семејство
  • Не делете прибор за јадење ни чаши со ниту еден член од семејството
  • Ако дома имате свој човек со треска, средбите нека бидат колку е можно по ретки и да минат со маски и ракавици за еднократна употреба. Ако треба да го измиете, правете го тоа со ракавици а потоа избришете го со хартија за еднократна употреба. И таа и гумените ракавици и маските треба да се отстрануваат крајно внимателно и веднаш да се ставаат во кеса која може да се затвори, а потоа да се фрлат. Носете долги ракави ако му помагате да се движи. Доколку просторот тоа ви го дозволува, заболениот нека биде во засебна соба. Редовно проветрувајте ја таа просторија и редовно дезинфицирајте ги сите површини со дезинфициенс. Не дозволувајте многу посети и ограничете ја посетата на 1 посетител во собата. Изолирајте ги децата на сосема друга страна да не доаѓаат во контакт со болниот.
  • Редовна дезинфекција на сите површини. Се уште не е познато колку долго преживува 2019-nCoV на површини, иако првичните информации сугерираат дека овој вирус може да преживее неколку часа, но се смета дека останатите хумани корона вируси можат да опстанат на инертна површина на собна температура до девет дена, додека на повисока температура, побрзо се уништуваат вирусните честички. Се смета дека корона вирусите не преживуваат долго на предмети, како што се писма или пакети.
  • Проф. д-р Нада Кујлиќ Капулица тврди дека коронавирусот припаѓа на онаа група вируси кои се исклучително чувствителни на висока температура и дека инфективноста се губи за само половина час на температура од 56 степени. На ниска влажност и повисоки температури овој вирус уште побрзо престанува да биде инфективен. Се уништува со стандардните дезинфекциони средства со минимум 70% алкохол, затоа е потребна редовна дезинфекција на сите површини до кои имаат пристап поголем број луѓе. Подобро поднесува кисела средина (pH 6-6.5). Брзо се неутрализира со УВ-зрачење (кварцање со посебни лампи) – наведува проф. д-р Нада.

Како да го подобрите имунолошкиот систем

  • Користете Витамин Ц како и суплементи со цинк, препарати на база на прополис, ехинацеа, мед, ѓумбир, лук и сл. за подобрување на имунитетот. Антибиотиците не делуваат на вирусите, само на бактериите, затоа не ги земајте на своја рака без консултација со доктор.
  • Вежбајте барем 30 минути дневно, излезете на чист воздух
  • Јадете балансирана храна со проверено потекло, и задолжително убаво термички обработете ја храната од животинско потекло и не консумирајте храна од болно животно. Пред подготовка на храната рацете задолжително измијте ги или дезинфицирајте ги, користете заштитни ракавици и маски (по потреба ако сте болни) при подготовка на храната, и на крај пак темелно измијте ги рацете. Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали, пиперка). Препорачливо е користење на печурки, брокула, целер, лук, кинеска зелка,  куркума, оригано и чили, мед, цимет…
  • Пијте доволно течности (воздржете се од кофеин и алкохол затоа што извлекуваат повеќе течност од телото отколку што останува откако ќе ги испиете). Пијте повеќе топли напитоци како чаеви, супи, како и овошни цедени сокови, смути, вода со лимон и сл.
  • Спијте доволно – ви треба повеќе спиење и одмор, за да може вашето тело да се бори против вируси и да ви помогне да се излечите. Нашето тело се регенерира, опушта и смирува во текот на спиењето. Погрижете се вашето дете да има доволно дневен сон. Експертите врз база на истражувањата, препорачуваат 11 часа сон за претшколски деца, 10 за школски и 9 часа сон за тинејџери, и барем 7 часа за возрасни 
  • Откажете ги цигарите ако сте пушач. Пушењето ги зголемува шансите да се разболите, бидејќи создава промени во респираторниот тракт и го нарушува имунолошкиот систем. Дури и седењето во задимена просторија ви ги зголемува шансите за разболување. Димот ги надразнува и дишните патишта и на тој начин ја зголемува осетливоста на респираторниот систем кон вирусите кои ја предизвикуваат инфекцијата
  • Намалете го стресот колку можете затоа што и тој го соборува имуниот систем.

Корона вирусот претставува најголем ризик за постари лица над 65 години и за хронично болните

Имунитетот слабее со возраста, што ги прави лицата постари од 65 години изложени на поголем ризик од компликации споредено со помладите здрави лица. Освен возраста исто така зголемен е ризикот кај хронични болни и тоа:

  • Хронични респираторни заболувања:

– ХОББ – Хронична опструктивна белодробна болест – J44

– Астма – J45

– Интестицијална фиброза – Ј84

  • Тешки кардиоваскуларни заболувања:

– Срцева слабост со EF<40

– Акутен миокарден инфаркт до 3 месеци

– Срцеви заболувања со тешка пулмонална хипертензија

– Тешка аортна и митрална стеноза

– Воспалителни заболувања на срце (миокардит, ендокардит) < 6 месеци

– Имплантиран пејсмејкер или срцев дивајс до 3 месеци

– Длабока венска тромбоза до 3 месеци

  • Дијабетес мелитус:

– Дијабетес тип I – инсулин зависен

– Дијабетес тип II на инсулинска терапија со коморбидитети: Миокарден инфаркт, церброваскуларен инсулт, стеноза на периферна циркулација и ХБИ

  • Сите малигни заболувања – C00-C97
  • Имунокомпромитирачки состојби:

– Состојба по трансплантација на бубрег – Z94.0

– Хроничен нефротичен синдром – N04.9

– Интермитентна хемодијализа – Z99.2

– Состојби со биолошка или комбинирана имуномодулирана терапија – M05, M06, M45.00

– Некротизирачки васкулопатии, системски еритематозен лупус, дерматополимиозит, системска склероза – M31 – M34.

Во моментов вакцинација против корона вирусот нема, има само за останати сезонски грипови и секако е препорачлива посебно за постари лица и хронични болни, секако во консултација со матичниот доктор. 

Затоа избегнете ја колку можете посетата на постари личности и на хронично болни, посебно не дозволувајте вашите деца да имаат контакт со нив, за да ги заштитите постарите. 

Посета на лекар е задолжителна ако имате поголеми потешкотии, но ако се сомневате само на сезонски грип, доволно е да се придржувате на упатствата од докторите, да седите дома, да го подобрите имунитетот и да се потрудите да не ги заразите останатите членови на вашето семејство.

Секако ако се сомневате дека сте заразен со корона вирусот, веднаш јавете се на телефоните за таа намена и известете ги службите.

Вашето здравје и здравјето на вашите блиски зависи од вашата информираност и одржување на лична и колективна хигиена. Бидете свесни дека не сте важни само вие туку и оние на кои може да им го пренесете вирусот. Вие можеби и ќе се извлечете со полесни симптоми, но некој со послаб имунитет може да заврши фатално.

Continue Reading Како да се заштитиме себе си и другите од вируси вклучувајќи го и КОВИД 19