hyperhidrosis

Хиперхидроза – прекумерно потење и непријатна миризба

Потењето е нормален физиолошки процес чија цел е да ја регулира телесната температура на организмот и делува како одбрамбен механизам кој го штити организмот од прегревање. Всушност кога надворешната температура е значително висока, телото преку потењето се лади. И тоа е процес кој ние не можеме свесно да го контролираме. Токму поради тоа што процесот на потење е регулиран од централниот нервен систем, некогаш при состојби на стрес, возбуда, страв, нашиот организам испраќа сигнали до централниот нервен систем дека сме во некаква опасност при што лачењето пот е одбрамбен механизам.

hyperhidrosis1

Преку потта од нашето тело се лачат токсични материи што настанале како нуспродукт во процесите на метаболизмот. Потта содржи 99% вода и 1% органски и аноргански материи. Излегува од потните жлезди, кои се распоредени по целото тело, но најмногу под пазувите, на дланките, на стапалата, под градите. Водата од потта механички ја чисти кожата и ја зголемува нејзината влажност и ја дава потребната масност. Влажноста на дланките овозможува подобро функционирање на рацете па затоа кога постои сувост на кожата имаме потреба дополнително да ги навлажиме. Влажноста на стапалата овозможува подобра еластичност на екстремитетите.

Прекумерното потење уште се нарекува хиперхидроза. Оваа состојба се појавува уште во пубертетот и почеста е кај жените.

Прекумерното потење може да биде толку изразено, и видливо, што може да предизвика срамежливост, комплекси, недостаток на самодоверба кај личноста кај која се појавило.

Состојби кои допринесуваат да дојде до прекумерно потење се:

  • стресните ситуации 
  • прекумерна тежина
  • наследни предиспозиции
  • проблеми со тироидната (штитната) жлезда
  • метаболни нарушувања
  • дијабет
  • хормонски нарушувања
  • преголем внес на никотин и кофеин
  • одредени лекарства, меѓу кои и антидепресивите….

За да се исклучи некој здравствен проблем, најдобро е веднаш кога ќе се примети состојбата, да се консултирате со доктор.

Мажите кои се потат премногу можно е да имаат ниско ниво на тестостерон, а жените ниско ниво на естроген, што го означува почетокот на менопаузата.

Откако ќе се исклучат здравствените проблеми, може да се премине на третирање на симптомот. Најдобар лек за засиленото потење е редовната хигиена со соодветни козметички средства, правилната исхрана, спортскиот живот, соодветна гардероба и чевли.

Некои користат антиперспиранти кои го спречуваат потењето. Најголем дел од нив содржат соли од алуминиум, цинк и циркониум, коишто ги стеснуваат порите и на тој начин спречуваат потење. Се нанесуваат навечер, а наутро треба да се одмијат за да немаат последици по здравјето. Сепак консултација со доктор најдобро ќе ви помогне при изборот на идеалниот метод за вашата состојба. Не е исклучена можноста за ботокс инекции, операција, ласерски третмани и сл. 

Засиленото потење најчесто оди во комбинација со непријатна миризба. Миризбата доаѓа од распаѓањето на некои материи што се наоѓаат во потта. Ако потта не се отстранува подолго време, особено во лето, се создава идеална средина за развој на бактерии, па кожата може и да се воспали, па покрај непријатната миризба да се чувствува и болка.

Најбезбедна секако е методата со употреба на дезодоранси кои ќе ја неутрализираат миризбата, а при тоа нема да ги затворат порите и да го спречат потењето. Но внимавајте, најчесто и дезодорансите содржат алуминиум и цинк, кои ја сушат кожата и можат да предизвикаат алергии; но и алкохол, којшто ја иритира кожата, особено непосредно по депилација. Затоа, внимавајте на состојките и одберете природни дезодоранси на база на билки.

Обрнете внимание уште на неколку совети кои ви ги препорачуваме за да немате проблем со непријатна миризба.

  • внимавајте на исхраната, одредени намирници предизвикуваат непријатна миризба при потењето, како пиперки, зачинета храна, кромид, лук и сл.
  • туширајте се со антибактериски сапун на база на билки, без хемикалии. Тој ќе допринесе за намалување на количината на бактерии на кожата и ќе го намали непријатниот мирис.
  • по туширањето избришете ја водата од целото тело со крпа, да остане кожата сува, како би се оневозможило создавање на средина погодна за развој на бактериите.
  • нанесувајте дезодоранс навечер пред да си легнете, кога потните жлезди се помалку активни. Наутро повторно ставете дезодоранс. Користете дезодоранси без алуминиум кој ги затвора порите
  • не користете антиперспиранти на веќе испотена кожа. Прво истуширајте се па потоа одберете што ќе ставите.
  • користете памучна облека
  • редовно отстранувајте ги влакната под пазувите
  • не носете чевли на боса нога, и не носете исти чевли 2 дена по ред.
 

Денес на пазарот има огромен избор на козметички средства за неутрализација на миризбата и за намалување на потењето. Кое ќе го одберете зависи од вас.

Наша препорака е секако нешто природно на база на билки, кое нема да ви ја иритира кожата. Нашиот избор е дезодоранс или ролон од Лимес, како за жените, така и за мажите и за децата.

Continue Reading Хиперхидроза